Видови психички пореметувања:
Психосоматски болести

ШТО СЕ ТОА ПСИХОСОМАТСКИ БОЛЕСТИ?

Поимот „психосоматски“ потекнува од грчките зборови “soma” што значи тело и “psyche” – душа, дух. Прашањето за потеклото на болестите, од секогаш било предмет на интерес на различни научни гранки.  Ако некогаш болестите се сметале за мистични и надприродни, во денешно време техниката во медицината е прилично напредната. Меѓутоа пациентот како личност изгубил на значење, додека неговите симптоми на болеста се главен предмет на интерес и внимание од страна на лекарите. Многу често, незадоволството на пациентите произлегува токму од тоа. По лекарските ординации постојат голем број на случаи кога не може да се открие причината за тегобите кои ги доживува пациентот или пак покрај сите уредни наоди пациентот сеуште се чувствува лошо. По правило, пациентот се упатува на понатамошни испитувања и анализи кои исто така даваат уредни наоди.  Што всушност се случува со ваквиот тип на пациенти? Во овие случаи станува збор за психосоматски заболувања. Нивните симптоми се единствен начин на кој знаат да комуницираат и да покажат дека со нив нешто се случува.

Првиот јазик кој го учиме во животот е јазикот на телото – новороденчињата се чувствуваат задоволни кога се нахранети, додека гладта предизвикува непријатност, на сите ни е познато дека плачот на бебето е еден начин да се привлече внимание и да се придобие близината на мајката. Системот за варење е еден од првите патишта за комуникација. Мајката е во состојба да го разликува плачот на бебето и точно знае дали е тоа гладно, дали нешто го боли или пак само си бара друштво. Кожата е следниот орган за комуникација. Преку кожата детето чувствува топлина, допир, стисок, односно чувствува дека не е само и дека е сигурно.  Секое новороденче се разликува по своите потреби и затоа родителите треба добро да ги наслушнуваат неговите потреби, бидејќи ако дојде до пореметување на комуникацијата веќе во првите денови или месеци на животот, се поставува основа за подоцнежни психосомкатски болести. Таков модел на комуникација ќе биде усвоен до крајот на животот. Таквите луѓе тешко ги покажуваат своите чувства, кај нив всушност настанува отуѓување на телото од душата, ги туркаат во позадина своите чувства, ги прогласуваат за неважни и непотребни што не значи дека тие престануваат да постојат. Чувствата и понатаму се важни за функционирањето на човекот и тие постојано бараат да се искажат. Во случај кога се појавува психосоматско заболување, потребно е човекот да се набљудува како целина, не само неговото тело (болест), туку и неговата целокупна структура на личност, бидејќи секоја телесна болест може да содржи силна порака и значење. Кај психосоматските болести, симптомите се начин на комуникација и имаат цел да покажат дека со личноста нешто се случува. Кога личноста доживува одредени чувства и постојано ги прогласува за неважни, ги игнорира и мисли дека не е вредно да им обрне внимание, тогаш настапува телесниот дел кој приога кон драстични мерки за да привлече внимание – најразлични болки во телото и главата, импотенција, зголемен крвен притисок, срцеви заболувања, црвенило по кожата, алергии, астма, себореа, псориаза, менструални болки, тахикардија, аритмија, чиреви, хипертиреоза итн.

Кога настануваат?

Психосоматските болести настануваат постепено, но се појавуваат акутно и преминуваат во хронична фаза. Емоционалните проблеми кај лицето кое страда од психосоматска болест, не се видливи и за нив лицето не е свесно. Поради овие причини, ваквите лица е многу тешко да се убедат дека болеста е од психичка природа, бидејќи кога би ги прифатиле психичките компоненти на болеста, нема да пројават телесни симптоми. Повеќето од лицата со психосоматска болест инсистираат на лечење на телесните симптоми, меѓутоа во лечењето секако треба да се вклучи и психотерапевт кој со психотераписките техники треба да дојде до основната причина на психосоматската болест и постепено да ја неутрализира. Бидејќи најчесто се работи за потиснување и наголемување на негативни емоции, како што се гнев, лутина, чувство на вина, омраза, страв итн,  психотерапискиот третман обично е долготраен.

Улогата на психотерапијата

Терапевтот има задача да му помогне на клиентот :
– да ја воспостави одамна изгубената комуникација помеѓу телесното и духовното
– појасно и разбирливо да ги доживува чувствата
– да научи речник со кој правилно ќе ги опише невербалните процеси, доживувањата во телото, значењето на чувствата
– тераписки да ги заврши недовршените ситуации кои довеле до отуѓување на телесното и духовното
– да стане свесен дека телото и душата представуваат една иста целина и да го зголеми нивното креативно прилагодување со проширување на можните одговори и избори.

 

                                                                       Весна Алексовска дипл. психолог