Улогата на психотерапевтот
Психотерапевтот долги години ја гради својата професионална зрелост. Освен базичната едукација (лекар или психолог), тој треба уште долги години, организирано и под супервизија да работи и учи на специфичната едукација од областа на психотерапијата. Се чини дека еден таков професионалец се издвојува и по поседувањето на специфичен интерес и дарба . Секоја професија бара поседување на одреден интерес и драба, но кои се додатните карактераистики кои професијата психотерапевт ја чини различна од другите? Ќе се обидеме тоа да го објасниме.
Кога ќе се постави прашањето дали психотерапијата е професија, се чини дека само потврдрен одговор не е доволен: психотерапијата е сепак животна определба. Длабоката хуманистичка насоченост на психотерапијата, му обезбедува на клиентот , како на рамноправен учесник во психотерапијата, кој има свои лични потреби, да се осамостои и да се развива на свој личен, сопствен начин. Односот во психотерапијата помеѓу терапевтот и клиентоте е неповторлив и непредвидлив, полн со непознаници и изненадувања и паради тоа психотерапијата е творечки чин кој се приближува на уметноста.
Карактеристики на професијата психотерапевт
Задача на на психотерапевтот е да и помогне на личноста која е емоционално вознемирена, а средство, односно инструмент со кој помага е неговата сопствена личност. И тоа не некои аспекти, туку на личноста во целина, бидејќи клиентот треба да се почувствува, доживее и разбере. За да се постигне тоа, психотерапевтот ги ангажира сетилата и емоциите , способностите и волјата, односно потребна е целокупната личност на психотерапевтот. Токму поради тоа подготовката за професијата психотерапевт, бара комплексно учење кое подразбира:
• Зголемување на сензибилитетот, односно зголемување на чувствителноста за психичката димензија на човекот .
• Сопствено емоционално созревање и
• Учење на професијата т. е. учење на техниките и теоријата на одредена психотераписка школа.
Постојано усовршување
Бидејќи како професија бара постојано усовршување на сопствената личност, или кажано со професионалниот психотераписки речник “постојана работа на себе” , психотерапијата не може да се дефинира само од професионален аспект. Таа е повеќе од професија, представува длабока лична обврска, која оди до таму да го обликува и менува начинот на живот. Психотерапевтот работи користејќи ја својата севкупна личност, богатството и длабочината на своите емоции (емоционално сиромашен човек не може да биде добар терапевт без разлика на својата вештина и професионална квалификација), сопствените етички норми и пред се својата верба во клиентот и во сопствената способност да му помогне. За во сето тоа да биде што подобар, тој мора постојано да ја усовршува својата личност , да ја одржува својата внатрешна чесност , да го продлабочува саморазбирањето, а со тоа и разбирањето на другите , да ја негува својата чувствителност и емоционално богатство , да одржува постојана интелектуална свежина и љубопитство.