ГЕШТАЛТ ПСИХОТЕРАПИЈА

ПСИХИЧКИТЕ ТЕГОБИ НЕ СЕ БОЛЕСТ И ЗА НИВ ИМА ПОМОШ

Побарајте стручна помош од психотерапевт
Тој ќе ја процени вашата состојба и ќе одреди најдобар начин да ви помогне да ги надминете тегобите . Во акутна состојба на вознемиреност, ќе ве упати да посетите психијатар кој ќе ви препише одредени лекарства. Лекарствата ќе ве смират и опуштат, со тоа што ќе сменат нешто хемиски во вас. Сепак, додека не ја видите и одстраните причината за појавување на симптомите, тие постојано ќе се навраќаат или ќе се преобразуваат од едни во други. Психотерапискиот процес ќе ви помогне засекогаш да ги решите причините што ве прават да не се чувствувате добро.

Апсолутна дискреција
Психотерапискиот процес е мошне осетлива и лична работа. Пред се, од вашиот терапевт можете да очекувате и барате апсолутна дискреција. Терапевтот ќе ви даде доверба, разбирање, поддршка и знаење како да се ослободите од тегобите, да го видите и разрешите она што ги предизвикува, а во исто време ќе ви помогне да растете како личност и ќе ви го покаже патот до вашата самоактуализација.

Основната цел на гешталт психотерапијата
Да создаде послободна, посвесна, автентична и урамнотежена личност, да овозможи човекот да живее на ниво на своите можности и да ги развива и проширува тие можности. Секој чекор во гешталт терапијата е насочен кон тоа да клиентот се најде себеси, да го почувствува своето јас, да научи да ги спроведува своите одлуки, а целта на психотерапевтот е да му пружи средство со кое ќе ги реши денешните проблеми, како и сите проблеми кои утре и догодина би се појавиле.

Времетраењето на психотерапевтскиот процес
Различно е за секого . За да се каже за некого дека бил во психотераписки процес, потребно е минимум 9 месеци, односно 36 средби да поминете во психотераписки процес. Ваше право е во било кое време да прекинете со психотерапијата и вашиот терапевт е должен тоа да го почитува. Непрофесионално е терапевтот да ја нападне вашата одлука и да проба да ве спречи во вашата намера. Неговата цел не е да ви стане другар, да ве врзе за себе, да се здобие со материјална корист од вас или на било кој друг начин да извлече нешто за себе. Ако било што од ова почувствувате, не плашете се да се борите за себе, верувајте си на чувствата и веднаш напуштете го. Во психотерапискиот процес битни сте ВИЕ.

Прва средба
Во текот на првата средба поставете му јасни и конкретни прашања за неговата едукација и за неговото искуство како терапевт. Итервјуирајте го терапевтот исто толку колку и тој вас, за да знаете со кого всушност имате работа. Покрај завршениот медицински факултет или факултетот за психологија, мора да поседува посебна обука за психотерапија. Постојат различни правци и школи, но сите содржат долгогодишна работа на терапевтот врз себе и голема теоретска и практична подготвеност. Сите школи и правци имаат една цел – да ви помогнат ВАМ .